Македонија
18. January 2019 - 17:45

Жестоки реакции за подарокот-компјутер од градоначалникот на Радовиш за полициската станица

Компјутерот кој општина Радовиш  и го донираше на полициската станца ги вжешти социјалните мрежи. Објавата на информацијата дека градоначалникот  Герасим Конзулов ја посетил полициската станица и по повод новата година подарил компјутер предизвика лавина од реакции.   Најголемиот дел од граѓаните  во коментарите  на социјалните мрежи, но и  дел од порталите во нивните наслови со одредена доза на иронија и потсмев ја коментираат  веста за донација од еден компјутер.

,,  Голема победа за Радовиш, Стампедо од инвестиции го удри Радовиш: Во употреба пуштен првиот компјутер, Во радовиш ништо нема да биде исто, Градоначалникот на Радовиш повторно  на дело, го изработи најголемиот проект, Бил Гејтс му се заблагодари на градоначалникот на Радовиш за прекрасниот гест, ова се само дел од коментарите и насловите кои можеше да се прочитат по објавата на веста за подарениот компјутер.

Во телефонски разговор за Сител Градоначалникот Герасим Конзулов вели дека не ги знае коментарите кои кружат на интернет бидејќи многу не ги следи социјалните мрежи. Во подарокот не гледа ништо лошо, тоа било долгогодишна традиција  на општината  по повод новата година. Освен за полицијата подароци имало и за противпожарната единица и здравствениот дом.

,, Се работи за традиција нова година за дежурните служби во полиција, во здравниот  дом и во противпожарната единица да се доделуваат поклони од општина Радовиш донесени со одлука на советот на општина Радовиш. Бидејќи тендерот малку задоцни и затоа ние наместо првите денови од новата година ги имаме поклоните поделени на 16 јануари.,, вели ГЕРАСИМ КОНЗУЛОВ – ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА РАДОВИШ

Инаку ова не е прв пат градоначалникот на Радовиш да биде во центарот на медиумското внимание. Мината година силни реакции предизвика тендерот за набавка на 45 производи за нега на коса фигаро со вредност од 42.300 денари  наменети за подароци на вработените по повод осми март.  Тогаш тој тврдеше дека воопшто не бил информиран за ваквата набавка и затоа го поништи тендерот, а за одговорните од општината најави санкции.