Свет
7. October 2015 - 12:34

Жестока предизборна трка за претседател и потпретседател на Филипините

На Филипините почна предизборната трка на поголем број кндидати за највисоките раководни места во државата, но и за Сенатот, Конгресот и провинциските управи во оваа 100 милионска држава.

Изборите на новите функционери, со мандат од шест години, ќе се одржат во втората недела од месец мај идната година, а победници ќе бидат кандидатите со најголем број добиени гласови во само еден круг на гласање.

За највисоката функција, претседател на државата за сега нема официјална листа на кандидати, иако седум познати имиња се вртат како наследници на сегашниот претседател Бенињо Акино.

Меѓутоа, сите чекаат на резултатите на обидите на сегашниот претседател во Уставот да внесе измена со која би му било дозволено да се кандидира по втор пат. Огранилувањето на претседателската функција на само еден шест годишен мандат во филипинскиот Устав го внесе мајката на сегашниот претседател, првата претседателка Корасон Акино, по рушењето на повеќедециниското владеење на диктаторот Фердинанд Маркос во 1987 година.

Бидејќи се бира посебно и има и посебни функции, за Филипините е особено значајна и трката за потпретседател на државата. До денеска официјално се истакнати пет кандидатури. Сите петмина се звучни имиња од политичката елита на Филипините, а најголемо внимание и контраверзни оценки во јавността предизвика и официјалната пријава на Фердинанд Маркос јуниор.

Синот на диктаторот Фердинанд Маркос, сега член на Сенатот, по соопштувањето на кандидатурата изјави дека „не било се така црно во времето на неговиот татко“ и дека има голем број „носталгичари“ по старите времиња.

Политичките партии, за сега, не се изјаснуваат околу кандидатурата на Маркос јуниор, но невладините организации, особено тие за заштита на човекови права, се едногласни во пораките дека ни оваа, ниту идните генерации не треба да ги заборават злоделата од времето кога диктаторот Маркос и неговата сопруга Имелда, воведувајќи закон за вонредна состојба во државата го елиминираа постоењето на човекови слободи на Филипините и затвораа, мачеа и убиваа илјадници борци за човекови права и демократија.

Претседателската палата Малакананг во Манила, по кандидатурата на Маркос јуниор денеска издаде соопштение, според кое, за демократијата е добро во трката за претседател и потпретседател да има повеќе кандидати.