Македонија
3. April 2017 - 18:51

Жерновски: Зошто Шиповиќ поднесува оставка на крајот на мандатот

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски во денешното соопштение наведува дека зачудувачки е чинот на претседателот на Советот на општината Мирослав Шиповиќ да си поднесе оставка на крајот на мандатот.

- Тој во образложението вели дека поднесува оставка од лични причини, за подоцна да изјави дека тоа е заради лошата соработка со мене како градоначалник. Не е точно дека тој ме чекал да го примам пред канцеларија, но точно е дека соработката беше нарушена од причини добро познати на јавноста, вели Жерновски.

Нарушувањето на соработката, како што додава, била директна последица на донесувањето на ДУП-от за Водно од советниците ВМРО-ДПМНЕ и улогата на Шиповиќ во исходот од гласањето. Во контекст на тоа Жерновски потсетува дека таквото негово однесување е во спротивност со ставот на коалицијата, предводена од СДСМ.

- На така изгласаниот ДУП, со кои се дозволи градење на десеткатниците на Водно, ставив вето и го оспорив на Уставен суд. Но, оттогаш се поминати две и пол години, прашање е зошто го чекал крајот на мандатот за да поднесе оставка, истакнува Жерновски.