Македонија
25. јуни 2018 - 17:41

Жерновски: Очекуваме засилена поддршка од САД и ефектуирање на поканата за членство во НАТО

Задоволство од континуираниот и конструктивен билатерален политички дијалог меѓу Република Македонија и САД, базиран на традиционалното пријателство и стратегиското партнерство меѓу двете земји, изразиле на денешната средба заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски и амбасадорот на Соединетите Американски Држави, Џес Бејли.

Како што соопшти МНР, заменик министерот Жерновски подвлекол дека Владата останува трајно посветена на заложбите за стабилност, мир и просперитет на регионот, со јасна перспектива за негова европска и евроатлантска интеграција.

- Заменик министерот Жерновски ги истакна реформските постигнувања и активности во контекст на интегративните процеси на нашата држава, со акцент на очекувањата за уште позасилена поддршка од САД во пресрет на јулскиот Самит на НАТО и ефектуирање на поканата за членство на нашата држава во Алијансата, стои во соопштението од МНР.

На средбата се разменети мислења и за политичките состојби во Македонија и регионот, како и за актуелните глобални предизвици.