Македонија
8. May 2016 - 15:36

Женскиот младински хор на КУД „Стив Наумов“ со настап на фестивалот во Нанси, Франција

Пред околу 10.000 публика синоќа во Нанси Франција беше затворено 18-то издание на Меѓународниот фестивал за хорско пеење „Гласови на светот“, на кој учествуваше женскиот младински хор на КУД „Стив Наумов“ од Битола, предводен од Љубомир Трифуновски, јавува известувачот на МИА од Нанси.

Најавуваното невереме и црните облаци од дождот беа растерани од ведрите песни на 850 хористи дојдени од Македонија, Белгија, Италија, Република Чешка, Германија, Русија, Португалија, Естонија, Полска, Украина, Кина, Брегот на Слоновата коска, Филипините, Белорусија и домаќините Франција.

Први меѓу сите на завршната вечер настапија младите хористки од Битола, кои испееја аранжирани македонски народни песни за љубовта, виното, обичаите.

- Јас пеам 16 години во хорот и посебно сега последната вечер кога се качивме на сцената се разбудија посебни емоции, ова е светска сцена, изјави хористката Марија Чакулевска.

Во изминатите четири денови, младинскиот женски хор на КУД „Стив Наумов“ одржа пет едночасовни концерти во Нанси, меѓу кои и во црквата „Сан Себастиан“ каде посебно дојде до израз квалитетот на изведбата на духовните песни.

- Подготовката беше малку напорна и стресна. Но кога ќе излезевме на сцената и ќе ги видевме насмеаните луѓе во публиката кои не прифаќаа топло се исчезнуваше, вели Тамара Пандовска

Во Конгресната сала илјадната публика беше пленета од изведбата на хористките од Македонија, испраќајќи ги со „браво“ и громогласни аплаузи. Исто како и минувачите на улиците на Нанси, за кои беа изведени импровизирани концерти.

- За моја голема среќа јас сум по втор пат овде во Нанси, еднаш како дете и сега како врозарсна. Пред 16 години бев тука заедно со маестрото со мешаниот хор. Знаев дека ќе не очкуваат многу срдечни луѓе и доста голем ангажман на фестивалот, вели Ирена Димовска Митревска.

На крајот од фестивалот 850 хористи од Македонија, Белгија, Италија, Република Чешка, Германија, Русија, Португалија, Естонија, Полска, Украина, Кина, Брегот на Слоновата коска, Филипините, Белорусија и домаќините Франција, се разделија со песната во која се зборува „кога луѓето ќе живеат од љубов“, пеејќи за слободата.

- Овој фестивал е навистина за дружење на целиот свет, така пишува и на плакатата. Мислам дека направивме неверојатно добри концерти, вели раководителот на хорот Љубомир Трифуновски.

Домаќини на Младинскиот женски хор на КУД „Стив Наумов“ изминативе денови беа членовите на хорот „Емил Гале“ од Нанси, во чии домови беа сметстени гостите од Македонија.

Претседателката на хорот „Емил Гале“, Елијан Друо  изјави дека по прв пат пречекуваат гости од Македонија. - Претходно пред две години имавме гости од Мексико. Гостите од Македонија беа многу пријатни и многу симпатични, нашите гости секогаш беа со насмевка, накратко прекрасен амбиент, додаде таа.

На многумина од нив посетата на младите хористки од Македонија во нивните домови им даде желба од поблиску да ја запознаат и да ја посетата Македонија, имено на веб страниците на фестивалот  http://www.chantchoral.org, како и во целиот рекламен материјал, плакатите и најавите на концертите насекаде стоеше дека хорот ја претставува накратко - Македонија.