Македонија
7. March 2019 - 16:33

Жените жртви на семејно насилство да добијат поголемо внимание за 8 Март

Наместо за прослави и скапи подароци, парите за 8-ми март можат да помогнат во храна и лекови за многу мајки и сопруги жртви на семејно насилство. Ова е целта на Интервентниот женски Фонд раководен од Националната мрежа против насилство врз жените. Апелираат на женска солидарност но и општествена одговорност, за припаднички од понежниот пол да можат да се тргнат од средината со насилство.

- Мора да го промениме концептот и на 8-ми март наместо во кафана тие финансиски средства да ги доделат во Фондот за помош на жртвите, изјави Елена Димушевска, извршен директор на Националната мрежа против насилство врз жените.

Од Националната мрежа велат дека во моментот имаат четири судски процеси на жени жртви на насилство во кои им требаат финансии за адвокатските услуги. Фондот го формирале лани кога имале донации од само две општини и физички лица. Очекуваат да ја подигнат свеста и празникот утре да не помине само во кафеани и ресторани  туку и во финансиска поддршка за жените кои се малтретирани во семејството.

-Имаат многу потреби, самата медицинска документација за насилството врз нив чини пари, потоа судски процеси, храна за нив и децата, вели Димушевска.

Димушевска вели дека и самата прослава на празникот не е достојна бидејќи жените уште многу треба да се борат за да бидат рамноправни со мажите. Утре на пладне ќе маршираат за  родова еднаквост, женски права и слобода и солидароност.