Македонија
17. September 2017 - 20:10

Жената пронајдена мртва во Гостивар имала убодни рани - Се трага по убиецот

Гостиварското основно обвинителство соопшти дека ги истражува причините за смртта на жената која беше пронајдена изутрината на улицата „Иво Лола Рибар“ во Гостивар. 

Првичната информација со која започна увидот на самото место од страна на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гостивар беше дека е пронајдена жена која настрадала како последица на сообраќајна несреќа. Сведоци виделе возило што го напушта местото на кое веднаш потоа е пронајден трупот.

Но, по извршениот увид, јавниот обвинител утврди дека починатата има убодни рани по телото и дека станува збор за насилна смрт. Со присуство на екипа од крим техника е продолжен увидот и првично е констатирано дека пред ударот од возилото, сега починатата била неколку пати прободена со остар предмет. Во насока на истражување на околностите и трагите, јавниот обвинител издаде наредби за вршење на обдукција на починатата и за вештачење на трагите на лице место.

Испитувајќи ги околностите, констатирано е дека починатата жена во последните пет месеци живеела во Гостивар каде се преселила од Скопје поради нарушени односи со партнерот од вонбрачната врска. По насока на јавното обвинителство, истражено е местото на живеење на поранешниот партнер на сега починатата, при што е пронајдено возилото и истото е дадено на натамошно вештачење. Осомничениот, жител на Скопје, во моментов е недостапен на органите на прогонот.

Основното јавно обвинителство – Гостивар издаде наредби за посебни проверки на граничните премини и патарините во насока на пронаоѓање и утврдување на идентитетот на осомничениот. Дејствијата преземени од Основното јавно обвинитлство – Гостивар во насока на расветлување на настанот продолжуваат со цел утврдување на фактите во предметот.