Македонија
22. July 2019 - 16:26

Жбогар: Нема политичка криза, институциите функционираат да го расчистат целосно случајот „Рекет„

Случајот „Рекет“ се трудам да го гледам од позитивна гледна точка, истакна денеска при посетата на Општина Новаци, евроамбасадорот Жбогар. Според него, нема причини за политичка криза во земјата.

-Сметам дека овој случај покажува дека јавното обвинителство се бори против корупцијата, дека поставува судска пракса на борба против корупција на високо ниво, го поддржуваме ЈО да биде поангажирано и да работи на вакви случаи. Мислам дека нема причини за политичка криза,  функционираат институциите, функционира ЈО, функционира и самото СЈО. Точно е дека специјалната обвинителка Јанева даде оставка, тоа е земено предвид, свесни сме за тоа, но ќе продолжи да функционира до 15 септември, а дотогаш има доволно време политичките лидери да размислат на кој начин ќе продолжи работата на СЈО, една можност е да биде интегрирано во рамките на општото јавно обвинителство, но има време сето тоа да се реши, изјави Самуел Жбогар, амбасадор на ЕУ.

Во однос пак на оставката на обвинителката Јанева, рече:

-Има доста шпекулации, не би сакал да навлегувам во тоа. Но факт е дека СЈО беше многу корисно и многу важно за случаите што ги покрена. Таму е концентрирана голема експертиза, големо знаење и кај обвинителите и кај истражителите, и сметам дека и понатаму треба да се искористи тоа знаење, рече Жбогар.

Жбогар денеска во Општина Новаци ги посети финансираните проекти со средства од ЕУ.