Македонија
27. August 2019 - 12:10

Жарко Луковски даде дополнителен исказ во Обвинителството за „Рекет“

По негово барање утрово Жарко Луковски, поранешниот главен извршен директор во „Т-мобиле“, дал исказ во Обвинителството за гонење организиран криминал за случајот „Рекет“, информираат од Обвинителството.

Како што појаснуваат од Обвинителството, овој исказ на Луковски е дополнување на претходниот негов исказ за истиот случај.

Инаку, вчера во својство на сведок исказ во Обвинителството за случајот „Рекет“ даде и бизнисменот Орце Камчев.

Луковски, се споменува во еден од аудио разговорите што ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“ на својата интернет страница.

Според обвинението во случајот „Базни станици“, што во СЈО го води обвинителката Лиле Стефанова, Жарко Луковски е осомничен за злоупотреба на над 3,5 милиони евра во корист на „Бетон“ АД Скопје, а на штета на акционерите на Т-мобиле, меѓу кои, и државата.