Македонија
8. јуни 2016 - 11:27

Жална вест: Почина познатата македонска актерка

Во Австралија , во 81-та година од животот, почина Госпоѓа Вукосава Донева- Варколи, македонска театарска, филмска и телевизиска актерка, поетеса, преведувач и професорка.
Вукосава е родена на 22 февруари, 1935 година во Струмица, Македонија. По завршувањето на Филолошкиот факултет, група Литература и македонски јазик, Вукосава се вработува во радио драмата на радио Скопје(1953-1957), а од 1957 до 1988 година, работи во Македонскиот народен театар, каде што игра многу главни улоги. Вукосава Донева беше ангажирана на Факултетот за драмски уметности во Скопје, како предавач по сценски говор(1970-1976). Во текот на театарскиот живот има реализирано значаен број ликови од најразличен жанр, а за улогата на Хеда Габлер е добитник на наградата „13 Ноември“ (1976).
 
Има реализирано седум самостојни проекти, поезија и монодрамата „Велика“, со кои настапува во Македонија и во повеќе земји.
Вукосава Донева игра во повеќе македонски филмови: „Мирно лето“( 1961),Македонска крвава свадба“(1967), „Мементо“(1967), „Време без војна“(1969),„Македонски дел од пеколот“(1971) и „Хај-фај“(1987), во кој што ја играше главната женска улога.
 
Од 1988 година Вукосава Донева Варколи живее во Австралија. Во овој период таа интензивно пишува и ги објавува стихозбирките за возрасни: „Куќи за продавање и молитва“(2000), „Чаша вода за океанот“(2001), „И не како вејка на ветрот “(2003) и „Ткаење черга“(2011) .
Вукосава Донева Варколи, беше член на литературното друштво „Григор Прличев“ од Сиднеј и член на Друштвото на писателите на Македонија. Со својата поезија е застапена во антологиските изданија: „Бескрајно место“(1998), „Пламен во срцето“( 1999), „Спомените на милениумот“( 1999), „Коти на копнеж и страст“(2003). Исто така е застапена со поезија во американската антологија „Балади на нашите животи“(2005).
 
За своето огромно творештво, како и за доброволното инволвирање во македонската заедница во Сиднеј и во Австралија, госпоѓата Вукосава Донева Варколи ја доби најголемата Награда за животно дело „Македонско сонце“, што ја доделува Македонскиот Телефонски именик за НЈВ-Австралија.
Нека почива во мир. Ние ќе ги памтиме нејзината блага насмевка и мудрите животни совети!
Погребното опело за покојната Вукосава Донева Варколи ќе се одржи во четврток, на 9-06-2016 год, во Palmdale Crematorium, Rose Chapel, во 4 часот попладне, а специјална Комеморација ќе се одржи во просториите на Литературното друштво „Григор Прличев“, во петок, на 10-06-2016 год , во 9.30 часот.