Македонија
9. October 2019 - 16:37

Згурата од велешката Топилница ќе почне да се отстранува до крајот на годината

Кон крајот на годината ќе почне расчистување на депонијата од згура близу велешката Топилница. Концесионерот откако ја доби потребната  дозвола прави последните подготовки пред да се почне со отстранувањето.

-Ова зад мене не е природна планина. Ова е резултат од тридецениското работење на велешката Топилница. Според последните анализи, депонијата најмногу има цинк и олово.

Компанијата која ќе врши експлоатација вели дека главниот фокус ќе биде на заштита на животната средина, а бенефит ќе имаат велешани, но и државата. Освен згура на депонијата се фрлало и градежен шут, но и мрша од добиток.

Суровината преку Солун ќе патува за Малезија. Но транспортот ќе се врши со камиони, наместо со воз. Тоа е дополнителен трошок за компанијата, но македонски железници ги немаат потребните вагони.

Целата постапка ќе трае најмалку 4 години. Концесионерот вели дека времетраењето ќе зависи од тоа дали ќе се емитуваат штетни материи во воздухот за време на процесот.

Откако депонијата ќе се расчисти, почвата ќе биде пренаменета. Во зависност од препораките на Земјоделскиот факултет ќе се насади трева или маслодајна репка.