Македонија
16. February 2018 - 12:47

Згради и куќи чадат како фабрики во Кавадарци


Згради и куќи чадат како фабрики во Кавадарци. Екологистите од градот, кој и оваа зима е меѓу најзагадените во државата, велат дека несовесноста ги труе кавадарчани. Тие се сомневаат дека многу од семејствата за топлење на своите домови користат недозволени горива. Имаат сознанија дека исто така во печките за затоплување се ставаат пластика, гума, алишта, обувки и што ли уште не. Фотографиите кои ги направив за време на грејна сезона во градот, фрлаат сомнеж дека низ оџаците излегува само чад од согорени дрва за огрев. 

- Со денови се соочуваме со зголемени концентрации на ПМ 10 честичките во воздухот. Се работи од коктел на загадувачи кои негативно влијаат врз здравјето на кавадарчани. Одделни видови индустрија и градежни работи, загревањето на домаќинствата со недозволени горива, печењето ракија, големиот број автомобили, сите тие се на некој начин тивки убијци и затоа треба многу да се внимава. Континуирано работиме на зголемување на еколошката свест и укажување дека непромисленоста се враќа како бумеранг, но потребно е уште многу едуцирање на населението за конечно да сфати дека не треба да се сече гранката на која се седи, изјави за МИА Роберто Паризов, претседател на регионалното еколошко друштво „Еко-живот” од Кавадарци. 

Околу 15 години, вели, локалната самоуправа не донела Локален еколошки акционен план за општината. Иако, како што нагласува, станува збор за стратешки документ врз основа на кој се изработуваат низа други документи од локално значење, кој треба да се носи на секои шест години. 

-Ние дури имаме понудено предлог стратегија за заштита на животна средина која би била дел од идниот ЛЕАП, уште пред една година, па се надеваме дека новата локална самоуправа и секторот за животна средина ќе ја разгледаат и во иднина ќе ги прифатат нашите сугестии за заедничка изработка на овој мошне важен документ за општината, додава Паризов. 

И од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев потврдуваат дека деновиве имало состанок помеѓу Јанчев и претставници на регионалниот еколошки центар и дека било договорено да се преземат активности во насока на донесување на ЛЕАП. 

Инаку, од градоначалничкиот кабинет откриваат за МИА, дека во борбата против загадувањето,  веќе биле откриени и казнети неколку граѓани кои користеле прегорено моторно масло. Оттаму потсетуваат дека улиците почесто се чистат со нови машини метларки, градинките добија прочистувачи за воздух за 33 занимални, инсталирана е нова мерна станица за мерење на квалитетот на воздухот, а следуваат уште две, од кои едната за околу две седмици ќе биде монтирана во село Ваташа, со што градот ќе има четири мерни места кои треба да го дадат одговорот,  кој е најголемиот загадувач. 

Благодарение на добрата соработка на новата локална власт со екологистите, нивни претставник влезе во општинската комисија која одлучува за оправданоста на барања за сечење дрвја  во општината. 

Екологистите потсетуваат на ставот на медицинските лица дека загадувањето како такво е ризик по здравјето на луѓето. Според податоците од Градската капела во Кавадарци, само за осум дена овој месец, починале 15 лица. До денес, 21. Бројот на починати кавадарчани во 2014 изнесувал 331. Во 2015 година таа бројка изнесувала 372, а во 2016 биле евидентирани 398 смртни случаи. Минатата година, регистрирани се 343 починати лица.