Македонија
23. January 2020 - 11:50

Зголемените температури ги натераа овоштарите од Пијанец да започнат со кроење на овошките

Сонцето и температурите кои се движат околу нула степени целзиусови ги натераа овоштарите од Пијанец да започнат со кроење на овошните насади. Овоштарот Зоран Величковски вели дека со кроењето се овозможува регулација на вегетативниот и генеративниот развој, односно се врши осигурување на редовна родност со висок квалитет на плодовите.

-Зимската резидба се извршува почнувајќи од паѓањето на лисјето и може да трае во текот на целата зима, се до потерување на цутните пупки. При тоа, мора да се води сметка во деновите со негативна температура да не се врши резидба, бидејќи,дрвото е смрзнато, тешко се сече, често напукнува, а пресеците споро зараснуваат. За среќа денес имаме добро време и затоа го користиме за завршување на оваа обврска, вели Величковски.
 
Целта на резидбата како што додава е да ја држи овошката во рамнотежа и да ја намали појавата на алтернативна родност.
 
-Она што е важно да се знае дека резидбата се сведува на три основни мерки и тоа проредување, скратување и виткање на гранките. Проредувањето значи отстранување на леторасти или други гранки од основата. Кај поставените леторасти од терминалната папка се развива побуен летпраст, а од страничните папки се развиваат куси гранчиња кои се трансформираат во родни, додава Величковски.
 
Сепак, проредувањето како што додаваат и агрономите се препорачува само кај млади овошки кои се уште не стапиле во род. Тие го повторија предупредувањето дека кроење на овошките не треба да се врши на темератури под нулата, бидејки на тој начин ќе дојде до нивно измрзнување.