Балкан
20. March 2020 - 11:00

Зголемени платите на лекарите, но и на министрите во Словенија

Словенечката Влада донесе одлука за зголемување на платите на лекарите, медицинскиот персонал, министрите, премиерот и владините службеници.

Како што јави дописникот на МИА до Љубљана, ова според Владата било потребно бидејќи овие луѓе извршувале работни обврски во вонредни услови.

Премиерот Јанез Јанша во обраќањето до нацијата рече дека сите оние кои поради коронавирусот работат повеќе, ќе добијат и повеќе пари.

– Ако еден лекар работи двојно повеќе поради справувањето со последиците од коронавирусот, тој ќе добие и двојно поголема плата, кажа Јанша.

Според одлуката на владата сега токму премиерот Јанез Јанша ќе зема највисока можна плата што ја предвидува законот, односно 5.200 евра бруто месечно. Одлуката за повисоки плати важи и за министрите и нивните соработници.