Македонија
10. August 2015 - 16:39

Зголемен бројот на задоволни пациенти од системот „Мој Термин“

Над 80 отсто од пациентите задоволни од функционирањето на системот „Мој Термин“, покажало последното истражување на Министерството за здравство, спроведено во јули оваа година. 

Како што информираше денеска на прес-конференција Милан Аризанковски, проект-менаџер на Националниот систем за закажување прегледи „Мој термин“, процентот на задоволни пациенти пораснал за 12.5 отсто од минатото истражување.

- Најголемиот број од пациентите  во истражуавњето покажува дека 93.8 проценти не им се случило да дојдат на закажан преглед, а притоа докторот да не е во амбуланта, а претходно пациентите да не се известени за тоа. Тука се бележи подобрување од минатото истражување, истакна Аризанковски.

Според него, податоците од истражувањето покажуваат дека докторите ја почитуваат обврската за навремено да ги известуваат пациентите за непредвидените  отсуства на лекарите или дефектите на апаратите за кое се должни телефонски или писмено да ги известат дека нивниот термин е одложен.

- На прашањето дали се почитува закажаното време за преглед во ситемот од страна на докторите позитивно одговориле 71 процент од испитаниците. За ова говори трендот на намалување доктори кои доцнеле три или повеќе пати од еден час во еден месец, рече Аризанковски и додаде дека од останатите испитаници кои одговориле дека докторот доцнел, повеќе од половина од нив се изјасниле дека чекале до половина час.

Истражувањето покажало дека за пет проценти е намален бројот на закажани прегледи во кои не дошле пациентите односно само 15 отсто не се појавиле на преглед. Во системот на „Мој термин“ било забележано и зголемнено откажување на прегледите од страна на пациентите и од нивните матични лекари.

- Возрасната група од 36 до 46 години е група која најчесто не можела да дојде на закажан термин односно 20 проценти од нив. Најредовни се пациентите на возраст од 56 до 65 години кои само седум проценти од нив не биле во можност да присуствуваат на терминот. Според анализите во „Мој Термин“, бројот на пациенти кои не се појавиле на преглед, а не го откажале, е значително намален и моментално изнесува помалку од седум отсто, информира Аризанковски.

Податоците од истражувањето според возраста покажале дека во секоја група, над 69 отсто од испитаните пациенти се задоволни од „Мој Термин“, а најголемо е задоволството од 84 проценти кај возрасната група од 16 до 25 години, а од над 65 години задоволни биле 83.7 отсто.

Според етничката припадност, нивото на задоволство е приближно исто кај испитаните Македонции и Албанци, околу 80 проценти, додека од останатите етнички групи, 75 отсто се изјасниле дека се задоволни од системот.

Истражувањето било спроведено на вкупно 834 пациенти, од 24 јавни здравствени установи (клиники, општи и специјални болници и здравствени домови). бк/паг/14:16