Македонија
26. January 2017 - 15:37

Зголемен бројот на пожари во Крива Паланка

Бројот на пожари кои се случиле во 2016 година на територијата на општина Крива Паланка е за 20 отсто поголем во однос на 2015 година, инфомираат од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Крива Паланка. 

- Лани нашата територијална противпожарна единица бележи 62 интервенции, пожари на отворено и на објекти, пет технички интервенции, како и едно извлекување, без интервенција. Статистички најоптоварени месеци биле април, кога се извршени 14 интервенции и јули со реализирани 17 интервенции, додека во 2015 биле јули и август. Тенденцијата на пожари лани споредено со 2015 година бележи пораст и тоа за околу 20 отсто, изјави Иле Коцевски, командир на ТППЕ, Крива Паланка.

Вкупно 26 од 62 пожари се со материјална штета. Голем процент, околу 60 отсто од вкупниот број пожари, 35, биле намерно подметнати, 15 биле предизвикани од невнимание, пет од природни појави, додека кај седум пожари не е утврдена причината за настанување.

- Во 2016 година материјалната штета од настанатите пожари е поголема од претходната година, бидејќи има и поголем број пожари на отворено со непроценета штета, а поголема е и опожарената површина и тоа трикратно. Во 2015 година се опожарени околу 70 хектари, додека лани 220 хектари, додаде Коцевски.

Нагласи дека вкупната настаната штета не е комплетно утврдена поради проценките кои дополнително ги врши и Јавно претрпијатие „Македонски шуми“ – ПШС „Осогово“, Крива Паланка.

Покрај надлежните служби, вкупно 70 граѓани лани се вклучиле активно во помагање при гасење на настанатите пожари.  

Територијалната противпожарна единица Крива Паланка во 2016 година извршила и набавка на потребна работна опрема, со донација на Операција Флоријан е набавен вентилатор за висок притисок, а доби и возило со пумпа доделено од страна на ДЗС за гасење шумски пожари.