Бизнис
9. August 2018 - 19:15

Зголемен бројот на патници на двата аеродрома

Големите транзитни аеродроми имаат најголем удел во патничкиот авиосообраќај што се реализира преку македонските аеродроми. Според податоците од ТАВ Македонија, Истанбул е најфрекфентна дестинација, со пазарен удел во патничкиот сообраќај од 10,9%, а Цирих учествува со 8,2%. Според уделот, околу границата од 5% гравитираат дестинациите Базел, Виена и Малме, а меѓу најзначајните дестинации за летање влегува и Братислава, со пазарен удел од 3,4%.
Статистичките податоци покажуваат дека континуирано се зголемува бројот на летови и превезени патници од македонските аеродроми. Во јули годинава се опслужени за 19% повеќе патници споредено со истиот месец лани.
 
“За седумте месеци од 2018 година, од јануари до јули, 1,2 милиони патници (1.215.167) патуваa преку Меѓународниот Аеродром Скопје, а истовремено охридскиот аеродром Свети Апостол Павле опслужи 100.039 патници. Скопскиот аеродром има пораст од 20,7% на бројот на патници во првите 7 месеци од 2018 година, додека аеродромот во Охрид има пораст од 19,7%”, вели Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.
 
За седум месеци годинава од скопскиот и охридскиот аеродром реализирани се вкупно 11.184 летови, што е за 15% повеќе од истиот период лани. Само во јули остварени се 178 летови повеќе, односно вкупно 2.151 лет.
Во периодот јануари-јули преку македонските аеродроми летале 1.315.206 патници, што е за 21% повеќе од истиот период лани. Повеќе од 60% од бројот на патници летале преку нискобуџетската компанија Визер.