Македонија
22. November 2020 - 16:30

Зголемен бројот на кражби во Струмица и во пандемија

И во време на пандемија крадците оперираат во струмичко. Годинава бројот на тешките кражби бележи пораст за повеќе од два пати во однос на лани. Од почетокот на годината па заклучно со првата половина од ноември во полициската статистика се регистрирани 153 кривични дела тешка кражба, за разлика од истиот период лани кога нивниот број изнесувал 65. Најголемиот дел од крадците се малолетници. Тие најчесто оперирале по куќи и станови, но краделе и во јавни објекти како што се маркети и продавници.

„Поднесени се вкупно 139 наспроти 65 кривични пријави до ОЈО Струмица, против 102 наспроти 47 сторители, од кои 56 наспроти 2 деца, 30 наспроти 12 малолетници и 16 наспроти 33 полнолетни лица. Расветлени вкупно 58 наспроти 24 кривични дела тешки кражби“, вели Хризантема Рендевска- порпарол на СВР Струмица.

За разлика од бројот на кражбите и сторителите кој бележи пораст годинава, материјалната штета е нешто помала во однос на лани.

За десет ипол месеци од оваа 2020 година крадците во струмичко направиле материјална штета од над 3 милиони и 800.000 денари, за разлика од истиот период лани кога материјалната шета била 4 милиони 340.502 денари.