Македонија
19. January 2022 - 16:34

Зголемен бројот на хоспитализирани деца во Козле

Омикрон донесе зголемен број хоспитализации во Детската болница Козле. Во моментот во единствениот ковид центар за деца во земјава на болничко лекување има 22 деца, а пред Нова година имале 5 пациенти. Директорот на Институтот вели дека периодов речиси сите деца кои дошле кај нив имале полесна клиничка слика, за разлика од претходниот бран.

- Моментално имаме 22 деца, 30 проценти од нив се од 0 до 3 години, останатите се од 9-16 години. Клиничката слика кај овие деца е многу подобра од тоа што беше порано, тоа сигурно е од сојот Омикрон. Побргу се опоравуваат, седењето во болница е пократко, вели д-р Бесник Зеќири, директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле.

Во детската болница бележат и зголемен број на амбулантски прегледи. Дневно третирале и над 100 пациеннти, но повеќето биле со грип или настинка.

- Кај нас во пораст е бројот на деца кои побаруваат преглед поради настинка или сезонски грип, 70 проценти се со овие вирусни инфекции, а останатите со Ковид, вели д-р Зеќири.

Токму поради распространетоста на Омикрон, но и останатите сезонски вирусни инфекции Владата одлучи да биде продолжен зимскиот распуст, а децата да се вратат во училишните клупи на 1 февруари.