Македонија
24. February 2020 - 11:38

Зголемен бројот на грипозни пациенти во гевгелиско, состојбата се следи

Во текот на изминатава недела, шестта од појавата на грипот и заболувањата слични на него, пријавени се педесетина нови заболени на територијата на општините Гевгелија, Богданци и Дојран. За споредеба, во петтата недела беа регистрирани само 13 заболени пациенти, рече денеска епидемиологот Сашо Олумчев, раководител на регионалниот центар за јавно здравје во Гевгелија.

Типот Б од вирусот на грип, посочи тој, доминира кај повозрасната популација, додека типот А е позастапен кај помладата генерција.

– Покрај потрошените комерцијални и бесплатни четиривалетни вакцини за заштита на населението од грип во текот на ноември, како најдобра мерка за справување со заразни болести потрошивме уште 900 вакцини за пациентите на хемодијализа, пациентите во психијатриската болница во Негорци и за дел од најзагрозените здравствени работници, нагласи Олумчев и додаде дека очекува во следните две недели уште да порасне бројот на заболени од грип и вирозните заболувања слични на него.

Епидемија од грип до сега не е прогласена бидејќи, според Олумчев, грипот сам по себе е сезонска епидемија.