Македонија
21. May 2016 - 23:30

Земјотресите предизвикаа страв и вознемиреност кај граѓаните

Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математичкиот факултет потврди дека  телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, со станици во Скопје, Штип, Валандово, Битола, Охрид и Крушево, денеска регистрираа серија земјотреси чии епицентри се наоѓаат на 90 км југозападно од Скопје и потекнуваат од епицентралното подрачје Илинска – Плакенска Планина.

Како што информираат, три од овие земјотреси беа почувствувани и тоа првиот во 18 часот и 33 минути и беше со магнитуда од 4,7 степени според Рихтеровата скала и вториот земјотрес во 18 часот и 41 минута  со магнитуда од 4,8 степени според Рихтеровата скала. Двата земјотреса беа почувствувани во епицентарот со интензитет од VI степени според Европската макро-сеизмичка скала–1998, а во Охрид и Крушево со интензитет од V-VI степени, Прилеп, Битола и Дебар со V степени, Гостивар, Тетово, Скопје, Велес, Св.Николе со IV степени според истата скала.

Третиот земјотрес во 19 часот и 16 минути беше послаб, односно со Рихтерова магнитуда од 4 степени, а беше почувствуван со интензитет во епицентарот од IV степени според Европската макро-сеизмичка скала–1998, Охрид и Крушево со интензитет од III степени според истата скала.