Балкан
22. јуни 2017 - 10:07

Земјотрес од пет степени во Егејското Море

 Умерен земјотрес со интензитет од пет степени според Рихтеровата скала е регистриран денеска во Егејското Море во близина на турскиот округ Измир, јави турската телевизија НТВ.

Според податоци на Дирекцијата за справување со несреќи и вонредни ситуации (АФАД), нема податоци за жртви или материјални штети.

Земјотресот се случил на 9,9 километри под површината на морето, со епицентар близу градот Карабурун. Потресот е регистриран во 5:48 часот по локално време и е почувствуван во Измир, Карабурун и уште неколку градови.

Денешниот потрес е дел од серијата афтер-шокови по силниот земјотрес од 6,2 степени по Рихтер, што минатата седмица беше регистриран меѓу грчкиот остров Лезбос и турскиот град Карабурун.