Свет
28. December 2018 - 9:01

Земјотрес од 5,8 степени ја погоди индоензиската провинција Западна Папуа

Земјотрес со јачина од 5.8 степени по Рихтеровата скала денеска ја потресе источната индонезиска провинција Западна Папуа, соопшти Геофизичкиот институт на САД.

Индонезиските власти измерија интензитет од 6,1 степени и информираа дека земјотресот „силно можел да се почувствува неколку секунди“. Засега нема информации за материјална штета и евентуални жртви. Индонезиската метеоролошка служба соопшти дека потресот нема потенцијал да предизвика цунами.

Земјотресот предизвика паника кај населението на една недела по смртоносното цунами во позападниот дел на индонезискиот архипелаг, во кое загинаа најмалку 430 лица.

Властите во Индонезија вчера го зголемија степенот на опасност од вулканот Анак Кракатау, чија ерупција го предизвика потресот во саботата, по што над 400 лица загинаа на островите Јава и Суматра.

Индонезиската Агенција за вулканологија соопшти дека степенот на опасност од вулканска активност на Анак Кракатау се искачи на второто највисоко ниво на скалата за предупредување, зголемена е и безбедносната облас околу него за повеќе од двапати и сега покрива радиус од пет километри.