Бизнис
25. October 2019 - 17:58

Земјоделците утре најавија протест, Владата денеска им исплати над 3 милиони евра субвенции

Владата исплаќа субвенции во пресрет на утрешниот протест, што земјоделците го организираат токму поради доцнењето со исплата на субвенциите. За само два дена исплатени се речиси 3,2 милиони евра. Вчера пари добија оризопроизводителите, а денеска млекарите. Надлежните велат дека исплатата се врши сега бидејќи ги чекале парите од ребалансот, а не за да ги замолчат земјоделците. Министерот за земјоделство смета дека најавениот протест има политичка позадина, зашто земјоделците знаеле кога ќе ги добијат парите.

“Мислам дека кога сме во една таква фер комуникација не гледам причина и повод за да се излезе, но тоа е нивно право, така решиле. Не е ова дека сега нешто брзаме со исплатата за да се смирува. Секако дека ова остава малку и мирис на политичка запршка, во која што се става некој зачин само за да се долее на сето ова. Веќе знаете дека изборите се најавени за 12 Април, а ВМРО-ДПМНЕ вчера излезе и со јавна поддршка на протестот, но они може да излезат со јавна поддршка. Но, она што можевме да го чуеме и од аудио-снимките дека токму се и организатори на ваквите протести”, изјави Трајан Димковски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Од најголемата опозициска партија, пак, обвинуваат дека власта води погрешни политики во земјоделството и токму затоа ќе ги поддржат земјоделците.

“ВМРО-ДПМНЕ стои позади интересите на земјоделците и позади политиките за подобра иднина на земјоделците, а СДСМ и министерот нека обвинуваат, но тие стојат позади погрешните политики со кои што ги доведоа земјоделците на питачки стап. Или, да бидам попрецизен, ние да, стоиме позади интересите на земјоделците, сме стоеле и ќе продолжиме да стоиме”, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

И млекарите негираат дека протестот има политичка позадина. Велат дека подолг период си ги бараат парите што им следуваат, а ќе протестираат бидејќи нивните субвенции доцнат со месеци, а на некои земјоделци им се исплаќаат редовно.

“Точно е дека се пуштени пари кај некои млекари, но тоа е само за 5 месеци и не се пуштени пари кај сите. Како може да пуштаат пари на ден пред протестот а цела година наназад ги нема никаде?! Ни должат вкупно за 22 месеци”, изјави Борче Бучински, организатор на протест на земјоделци од Могила.

Додека власта тврди дека исплатиле околу 108 милиони евра, односно 72% од планираните субвенции за годинава, утре шест земјоделски здруженија од различни региони од Македонија на протест пред Владата и Министерството за земјоделство ќе бараат исплата на своите субвенции.