Македонија
15. August 2015 - 16:36

Земјоделците се задоволни од усвоените измени со кои им се признава стажот

Лидерите на земјоделците изразија благосарност и ја поздравуваат одлуката на Владата за признавање на стажот на земјоделците од 1978 до 1988 година.

Според Љупчо Аризанов од Сојузот на лозари на Македонија „Агротиквешија“ со владината одлука се решава голем проблем за оние земјоделци кои плаќале, но стажот не им бил озаконет, а сега, и тие ќе може да добиваат пензија.

- За запоставениот стаж од поранешните влади и од поранешна СФРЈ од 1978 до 1988 година кога не им беше признат, Владата најде храброст и средства да им го признае стажот на земјоделците кои го плаќаа во тоа време, но не им беше озаконет. Тоа што го прави Владата е голем гест и голем број земјоделци по нова година треба да отидат во пензија со признавањето на овој стаж. Се решава голем проблем на земјоделците кои порано работеле и плаќале, а сега тие ќе можат да го уживаат благодетот на пензијата. Навистина некој мисли за земјоделецот во Македонија, изјави Љупчо Аризанов од Сојузот на лозари на Македонија „Агротиквешија“.

Ефтим Шаклев, од Асоцијацијата на земјоделци истакна дека новото законско решение најмногу ги израдувало постарите пензионери-земјоделци кои не можеа да го остварат своето право на пензија.

- На земјоделците на кои им беа платени сите давачки им недостигаше стаж од 10 години, а тие што беа во пензија имаа намалена пензија во износ од 10 - те години кои не им беа признаени како платени, така што оваа вест навистина предизвика радост кај поголем број од постарите земјоделци, на кои им се измирени обврските кон пензиското, истакна Шаклев.

Вељо Тантаров од Сојуз на земјоделци на Македонија истакна дека македонските земјоделци на поранешните власти им служеле како робови за да го полнат буџетот на нивните потреби. Тој Потсети дека имало околу 25 даноци кои земјоделците морале да ги плаќаат, а од 2006 година почнале да се решаваат нивните проблеми.

- Побаравме да се намали данокот на додадена вредност на целата земјоделска механизација, на минерални  ѓубрива, семенски препарати, семиња и ред други репроматеријали потребни за земјоделците, како и да претрпи измени  законот за персонален данок со кој се предвидуваше ако земјоделецот зема 100 денари само 35 денари му се трошок, а 65 денари се чиста добивка. Тоа го нема никаде во светот. Чекор по чекор  тие прашања се решаваа. Така, ДДВ-то од 18 отсто за сите земјоделски производи, механизација, препарати... е намален на 8 отсто. Засега таков ДДВ во земјите што не опкружуваат не постои, истакна Тантаров.

Решавањето на проблемот со пензискиот стаж на земјоделците во периодот од 1978 до 1988 година во вторникот го најави премиерот Никола Груевски.

- Имаше барање од земјоделците за решавање на проблемот со нивниот стаж и на наредната седница на Владата ќе биде предложен закон со кој ќе се реши проблемот за нивниот пензиски стаж од 1978 до 1988 година, рече премиерот Никола Груевски. 

За оваа мерка, додаде Владата ќе одвои околу 34 милиони денари на годишно ниво за исплата на пензии.

- Ако осигуреникот нема целосно утврден стаж на осигурување по 1 јануари 1989 година, заради исполнување на условите за остварување право на старосна пензија,  ќе се смета времето поминато во осигурување според Законот за старосно осигурување на земјоделците кој се применуваше од 1978 година до 1988 година, доколку бил пријавен во осигурување и придонесот за тоа осигурување е платен во време на важењето на Законот за старосно осигурување на земјоделците и доколку изврши уплата на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување за период по 1 јануари 1989 година, до исполнување на условот од 15 години стаж на осигурување доколку бил пријавен во задолжително социјално осигурување по 1 јануари 1989 година, појасни министерот за труд и социјлана политика Диме Спасов.

Бенефит од новото законско решение ќе имаат околу 400 земјоделци.