Македонија
1. October 2016 - 17:04

Земјоделците од струмичко ќе го подобруваат производството преку нови агро мерки

Со примена на нови агроеколошки мерки земјоделците од струмичко радовишкиот  микро  регион  ќе го подобруваат нивното производство и ќе ја намалуваат примената на агрохемикалии  и водата за наводнување. Планот  е преку новите методи да се  намали штетното влијание врз животната средина, да се заштитат водните ресурси во сливот на река Струмица, но и да се добијат поголеми приноси со помали производствени трошоци.  Во обуките кои имаат теоретски и практичен дел и се реализираат во рамки на проектот ,, Управување со сливот на река Струмица,,  вклучени се вкупно 60 земјоделци.  Најдобрите учесници кои успешно ќе го поминат тестот  на знаење ќе добијат грантови во висина од 300 000 денари.

Поддршката за земјоделците ќе биде преку набавка на современа земјоделска опрема, како што се системи за микронаводнување, уреди за следење на влажност во почвата, системи за фертиригација, опрема за следење на појавата на болести и штетници  и слично.

,, Основната цел е преку овие мерки да воведеме практики кои што во иднина фармерите самостојно ќе може да ги применуваат, самостојно ќе може да го утврдат времето и количината, точната количина на вода според потребите на самата култура согласно фазите на раст и развој. Секако дека основна цел е преку самата апликација на водата да се аплицираат и хранливите материи.,, вели проф. доктор Вјекослав Танасковиќ – факултет за земјоделски науки и храна - Скопје

Проектот за управување со сливот на река Струмица има за цел да воведе сеопфатни мерки со кои значително ќе се подобри еколошкиот статус на водните тела и целокупното сливно подрачје.  Проектот го спроведува Центарот за Развој на Југоисточниот плански регион во партнерство УНДП и финансиска поддршка на од Швајцарската агенција за развој и соработка.