Бизнис
20. July 2018 - 16:32

Земјоделците од Македонија и Косово против воведувањето царина од Приштина - Македонија се заканува со контрамерки

Надлежните од земјава најавија контра мерки, доколку Косово не ја повлече одлуката. Од Министерството за земјоделство и Министерството за економија информираат дека пратиле официјален допис до ЦЕФТА, ЕУ и косовската влада.

Бараат повлекување на времената одлука. Македонските ресорни министерства најавија средба со косовските колеги во текот на следната недела, кога ќе разговараат за надминување на проблемот. Времената мерка речиси го запре извозот на земјоделски производи од земјава.

Денеска границата ја поминале само 3 камиони со вкупен извоз од 30 тони, информираат од Царинската Управа. Оваа количина претставува една десетина од просекот на земјоделски производи што на дневно ниво се извезуваат во Косово.

Шефот на македонската дипломатија при денешната официјална посета на Косово побара од косовските власти итно решение за проблемот потенцирајќи дека воведувањето на контра мерки може само дополнително да ја влоши ситуацијата.

На мерката се спротивставија и косовските и земјоделците во земјава. Велат дека одлуката е неразумна.

Косовската времена мерка официјално стапи во сила на 18 јули и со неа се зголемуваат за 30% царините за увезеното овошје и зеленчук. Опфатени се вкупно 21 сорта земјоделски производи. Мерката ќе трае три месеци и важи за сите држави што извезуваат во Косово.

Одлуката беше донесена ненајавено, не беше известена ниту една земја членка на Цефта.

Најпогоден од оваа мерка ќе биде извозот на македонските домати, пиперки и сливи.

Вкупниот извоз на зеленчук и овошје од Македонија во Косово во првата половина годинава вреди над 40 милиони евра. Македонија не увезува земјоделски производи од Косово.