Бизнис
1. August 2018 - 16:32

Земјоделците незадоволни од откупната цена на пченицата

Земјоделците не се задоволни од цената на откуп на пченицата. Од Сојузот на земјоделци велат дека цената треба да биде минимум 12 денари за да им биде исплатливо.

-Цената на пченицата оваа година срамна и понижувачка за мачениците кои сакаат лебот да го вадат лебот од оваа култура. Грото е откупено на 8 денари, но кога ќе се одбијат трошоците на превозот, доѓа некаде 7 или 7,5 денари, изјави Вељо Тантаров, Сојуз на земјоделци.

Просечната производна цена на пченицата годинава изнесува 9,14 денари.

-Ние со овие производни трошоци не можеме да размислуваме идната година да сееме пченица наесен, вели Тантаров.

Од Сојузот на земјоделци бараат итна средба со премиерот.

-Владата мора да седне и да најде чаре, како ќе преживеат овие 192.000 земјоделски домаќинства. Ако не се изготви некоја политика, пченицата ќе биде катастрофално намалена. Мора да се направи стратегија, оваа култура да се произведува на поголеми површини и да се ослободиме од она што го прави Србија со пченицата, вели Тантаров.

За разлика од минатата година, површините на пченица се намалени за 30%.