Бизнис
9. February 2019 - 16:34

Земјоделците ќе добијат пари за „зелена нафта“- опозицијата вели дека власта ги манипулира

Земјоделците конечно ќе ја дочекаат “зелената нафта”. Годинава за прв пат се воведува субвенцијата за набавка на гориво за земјоделска механизација. Со дирекно субвенционирање преку оваа мерка околу 55.000 земјоделци ќе добијат вкупно 3,2 милиони евра. Од СДСМ велат дека новите мерки и програми ги намалуваат трошоците за производство, а со тоа обезбедуваат повеќе пари за земјоделците.

“Годинава, за првпат се воведува субвенцијата за набавка на гориво за земјоделска механизација, популарно наречена „зелена нафта“. Со што се реализира уште една мерка од Програмата на Владата во интерес на земјоделците. Со мерката „зелена нафта“ земјоделците што имаат поледелски, градинарски, овошни култури и лозови насади добиваат поддршка од 30 отсто од трошоците за набавка на нафта за земјоделската механизација”, вели Татјана Прентовиќ, пратеничка на СДСМ и коалицијата.

Опозицијата обвинува дека власта ги манипулира земјоделците.

“Земјоделците почувствуваа што значи нивниот труд да не биде вреднуван од Владата, откупните цени да бидат ниски и да немаат пласман за своите производи. На земјоделците им се потребни средства што ќе ги имаат на располагање во секое време и мерки за помош и развој на земјоделството, кое е во катастрофална состојба”, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Годинава за дирекно субвенционирање наменети се околу 100 милиони евра, што е за 10 помалку од лани. Министерот за земјоделие објасни дека дирекната поддршка се намалува за сметка на Програмата за рурален развој. Но, зголемени се субвенциите за повеќе земјоделски култури и сточарски и живинарски производи.