Бизнис
23. November 2016 - 12:44

Земјоделците да користат современи технологии, ако сакаат да бидат конкуретни

Земјоделците треба да применуваат современи технолошки решенија доколку сакаат да бидат конкуретни на пазарот. Со примената на компјутерските техники, земјоделците ќе го оптимизираат своето производство, беше оценето на конференцијата „ИКТ во агробизнисот“ што денеска беше отворена во Скопје.

Конференцијата, која ќе трае и во текот на утрешниот ден, треба да понуди можности за поврзување на ИКТ секторот и агросекторот со цел да им се помогне на земјоделците да ги намалат трошоците и да ги зголемат приносите.

Според министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска - Томовска, на примената на информатичко-комуникациските технологии во земјоделството денес треба да се гледа како на неминовност и потреба.

- Земјоделството како економска гранка зазема 11 проценти од БДП и тука се гледа целосниот потенцијал којшто оваа дејност може да го има во иднина. Но, неопходно е со помош на технолошките компании и добрите технолошки решенија да се оди напред, рече Арсовска - Томовска, додавајќи дека доколку земјоделците дигитилно не го транформираат својот бизнис, нивната иднина е сосема неизвесна.

Сличен став имаат и организаторите на конференцијата - МАСИТ, Агфутура и Прокредит банката.

Директорот на „Агфутура“, Благоја Муканов вели дека земјоделците користат информатичко-комуникациски технологии, но дел од нив не се свесни за тоа. Затоа е потребна поголема информираност и насочување како да ги користат овие технологии во своето производство.

Како пример за примена на современи технолошки решенија која се применува во Србија беше посочено наводнувањето на земјоделските површини со соларни системи.