Бизнис
5. August 2016 - 20:17

Земјоделците да аплицираат за дополнителни субвенции за оризова арпа

Дополнителна финанскиска помош ќе добијат оризопроизводителите кои до 31 август ќе поднесат барање за директни плаќања за произведена и продадена оризова арпа од минатогодишната реколта. Оние кои имаат пријавено и засеано помалку од 2 хектари под ориз ќе добијат 5 денари по килограм, помеѓу 2 и 10 ха, 4 денари и над 10 ха, 3 денари за продаден килограм оризова арпа.

Со тоа се овозможува на оризопроизводителите својата целокупна залиха на оризова арпа да ја предадат кај откупувачите и со тоа, следната сезона, која е веќе на прагот, од 1-ви септември, да ја започнеме со празни амбари, да можеме да складираме нова реколта.- изјави Драгољуб Гаврилов, оризопроизводител од с. Чешинови

Македонскиот пазар не може во целост да го апсорбира целокупното производство. Затоа Гаврилов потенцира дека и откупувачите ќе мора да постигнат солидна цена и да го пласираат за извоз.

Се надеваме дека ќе се извезе оризот и следната реколта ќе ја почнеме од нула-додаде Гаврилов

Барањата се поднесуваат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со доставување потврда за предадена оризова арпа која ја издава откупното претпријатие.