Бизнис
18. February 2019 - 16:48

Земјите од Западен Балкан без роаминг до 2021 година?

Ќе се укине ли роамингот меѓу земјите од Западен Балкан во 2021 година? Ресорните министри од овие држави со нови преговори за надминување на меѓусебните политички разликите со цел постигнување договор за поевтини цени за роаминг услуги. Очекувањата се договорот да се потпише веќе на следниот дигитален самит, што во април ќе се одржи во Белград. Тоа би значело постепено намалување на цените за роаминг и конечно негово целосно укинување за две години.

“Денеска заедно со моите колеги министри од земјите од Западен Балкан, како и колегата од Грција, продолжуваме да разговараме за намалување на цените за роаминг и идеата за воспоставување на регионален тренинг центар за сајбер безбедност овде, кој што ќе биде лоциран во научно-технолошкиот парк”, вели Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација.

Од Европската комисија се оптимисти дека регионот ќе постигне договор.

“Многу веќе е сторено, но техничката работа е комплицирана.... Верувам дека сме способни да го спроведеме ова за време на дигиталниот самит во Белград во април. Тоа би било нешто многу конкретно за нашите граѓани и фирмите. Тие ќе увидат дека дигитализацијата не е само за во иднина, туку за нашата сегашност”, вели Марија Габриел, еврокомесарка за дигитална економија и општество.

За реализација на дигиталната агенда за државите од Западен Балкан одделени се 30 милиони евра.