Македонија
23. јуни 2019 - 19:14

Земјите од регионот високо на листата, Македонија на дното - дали вложуваме во науката?

Светот сериозно вложува во научни истражувања и зачувување на природата, а Македонија речиси и да не дава пари за вакви проекти. Ова го покажува и последното рангирање на еминентниот индекс на природата кој ги собира објавените трудови во 82 релеванти стручни списанија. На врвот се Америка и Кина, а од Европските земји најмногу во природата вложува Германија. Од регионот Словенија и Хрватска се во топ 50 во светски рамки, а Македонија е на дното со само 7 истражувања лани од кои 4 се за природни науки. 

За познавачите ваквата состојба се должи поради малиот процент на финансии кои годишно ги одделува државата за науката односно само 0.20 отсто од вкупниот БДП.

-Бројките се многу скромни. Државата не им дава подржка на научниците. Треба да се вложува, вели Лилјана Поповска, пратеник од ДОМ и доктор на политички науки.

Еден од најдобрите научници во земјава за минатата година професорот Иван Блинков од Шумарскиот факултет за Сител вели дека истражувањето и развојот во Македонија се маргинализирани, а се соочувале и со дополнителни проблеми кога ќе учествуваат во програми финансирани од странски Фондови бидејќи парите се префрлале на сметката на УКИМ и многу често настанувале административни бариери и неможност навреме да се исполнат обврските.

-Уште пред повеќе од десет години е алармирано за ова, но нема никакви суштински промени. Ако државата не вложува доволно во наука, на што укажуваат бројките, барем да не ни создава бариери за работа на проекти финансирани од странски фондови, вели за Сител професорот Иван Блинков.

Поповска алармира дека поради ваквата состојба голем број луѓе од научната фела си заминуваат од земјава и своите визии ги реализираат во други држави каде се ценети и почитувани. Таа смета дека неопходни се истражувањата и на климатските промени за да преживееме.

-Ние мораме да ги истражуваме и климатските промени за да преживееме, категорична е Поповска.

Но, за да се истражува повеќе познавачите се категорични дека државата треба да да го “одврзе ќесето”.