Свет
9. December 2015 - 18:26

Земан смета дека Турција се однесува како сојузник на исламистите

Чешкиот претседател Милош Земан очекува протестна нота од турската Амбасада, поради денешните критики кон земјата, јави дописникот на МИА од Прага.

Земан, за Турција изјави дека понекогаш се однесува како сојузник на џихадистичката група Исламска држава (ИД).

Земан, критикувајќи ја Европската унија (ЕУ) за помошта од три милијарди за Турција, наменети за задржување на два милиони бегалци оцени дека Турција, која е членка на НАТО, не треба да стане членка на ЕУ. 

- Римската империја пред нејзиното распаѓање, исто така им плаќала на варварите, за да не ограбуваат на нејзина територија. Турција, притоа може да ги прими бегалците не само затоа што тие се само мал дел од вкупниот број на нејзините жители, туку и затоа што се од иста вера, подвлече Земан, предупредувајќи дека на Турција треба да се гледа претпазливо. 

Тој го повтори својот став за ризиците од муслиманската имиграција во Европа, споменувајќи ги особено правата на жените. 

- Опасноста не е само во Исламот, туку и во пренесувањето на тие навики во Европа, додаде Земан.