Свет
31. July 2016 - 13:57

Земан поддржува депортација на мигрантите и ограда на чешките граници

Чешкиот претседател Милош Земан е за активна заштита на  границите на Чешка поради опасност од тероризам, а како последно средство може да замисли и градење на ограда на границите на земјата, јави дописникот на МИА од Прага. 

- Во случај на големи мигрантски бранови немам против да биде изградена ограда на границите. Тоа го направија многу земји, како Унгарија, Македонија, сега се подготвува и на границата на Австрија со Италија, изјави Земан денеска во интервју за порталот на чешкиот весник ,,Блеск".  

Според Земан, чешката граница може да биде заштитувана од војската, полицијата, но и со електронски уреди. Истовремено тој ја критикуваше политиката на ,,добредојде" за мигрантите на германската канцеларка Ангела Меркел. 

- Морате да сметате на тоа дека кога во Европа ќе дојдат повеќе од еден милион бегалци, одреден процент од нив ќе бидат т.н. џихадисти, оцени Земан подвлекувајќи дека единствено решение е депортација на сите оние кои нема да добијат во одредена земја азил. Тој додаде дека ,,треба да се протераат и фанатичките имами, кои во џамиите сеат омраза и да се забрани финансирање на муслиманските заедници од странство".

За протерување на радикалните муслимански свештеници се заложи и чешкиот премиер Бохуслав Соботка пред неколку дена. 

- Граѓаните треба да се вооружат против тероризмот, рече Земан образложувајќи дека го сменил својот став во однос на поседување на оружје. 

Тој додаде дека како можна цел на терористички напад е и Прашкиот замок каде се наоѓа Претседателската резиденција и затоа се одвоени средства за додатни заштитни безбедносни мерки. 

Земан предупреди на ризикот ,,Турција од бегалските кампови да пушти на своја територија до Европа околу 2,5 милиони бегалци од Сирија". Земан укажа на тоа дека според германската тајна служба меѓу милионите мигранти кои дошле во Германија се наоѓаат 15.000 небезбедни лица, па според него можно е да се зголемуваат тетористички напади во Европа.