Свет
10. July 2019 - 22:45

Зеленски потпиша декрет со кој Чернобил ќе стане туристичка дестинација

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денеска потпиша декрет со кој се укинуваат претходните забрани за посета на чернобилската „зона на исклучување“ околу местото на катастрофата на нуклеарниот реактор во 1986 година и ќе се создаде „зелен коридор“ за туристите.

– Треба да го покажеме Чернобил на светот: на научниците, експертите за животна средина, историчарите и туристите, рече Зеленски.

Тој додаде дека денеска потпишал декрет „кој ќе го отвори процесот за трансформирање на зоната на исклучување во една од новите точки на раст во Украина“.

– Пред се, ние ќе создадеме зелен коридор за туристите и ќе ги отстраниме предусловите за корупција, истакна Зеленски.

Според него, Чернобил, кој стана изненадувачки популарна туристичка дестинација, е голем извор на корупција.

Зеленски вети дека Чернобил наскоро ќе стане научно и туристичко место, кое ќе биде „симбол на новата слобода во Украина – без корупција и ноторни забрани, но со инвестиции и иднина“.