Свет
10. October 2019 - 15:37

Зеленски: Немаше уцена во телефонскиот разговор со Трамп

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека немало уцени за време на телефонскиот разговор со Доналд Трамп, што придонесе за покренување истрага за отповикување на американскиот претседател.

Одговарајќи на новинарско прашање, Зеленски рече дека после разговорот со Трамп на 25 јули дознал дека Америка блокира стотици милиони долари воена помош за Украина.

– Во јули не разговаравме за тоа, истакна Зеленски.

За време на разговорот, Трамп побарал од Зеленски да го истражи неговиот демократски ривал Џо Бајден, произлегува од грубиот транскрипт, кој го достави Белата куќа. Демократите во американскиот Конгрес веруваат дека Трамп ја користел воената помош за да изврши притисок врз Украина и да си помогне себеси за реизбор на претседателските избори следната година.

Трамп рече дека воената помош била замрзната поради загриженоста околу корупцијата во Украина, но овој потег поттикна критики од Конгресот и средствата беа ослободени во септември.

Телефонскиот разговор Трамп – Зеленски е клучен за истрагата за импичмент, и го постави Зеленски во незгодна позиција бидејќи го покажува како некој што сака да му угоди на Трамп и критичните европски партнери.

Зеленски не кажа дали Украинците имаат различна верзија на транскриптот. Тој рече дека верувал оти повикот ќе доведе до средба со Трамп и дека сакал американскиот претседател да дојде во Украина. Зеленски рече дека клучното прашање за него било да се убеди Белата куќа да ја промени реториката за Украина како корумпирана земја на која не може да и се верува.