Свет
19. March 2022 - 10:29

Зеленски до Русите: Замислете 14.000 мртви тела на стадионот во Москва

Украинскиот претседател Володимир Зеленски утрово одговори на настапот на рускиот лидер Владимир Путин на стадионот во Москва, упатувајќи мрачна порака.

Зеленски се огласи еден ден откако Путин ја пофали „специјалната воена операција“ во Украина како „херојска“ мисија на руската војска за време на патриотскиот митинг на стадионот Лужники во Москва пред десетици илјади Руси.

– Сто илјади луѓе пред стадионот, заедно со 95.000 во самата арена, приближно одговараат на бројот на руски војници кои влегоа во Украина, истакна Зеленски во денешната видео порака.

– А сега замислете 14.000 мртви тела на овој стадион со уште неколку десетици илјади ранети и осакатени, нагласи тој, мислејќи на украинските проценки за руските загуби од почетокот на војната.

Зеленски уште еднаш повика на итен прекин на конфликтот.

– Војната мора да заврши, предлозите на Украина се на маса, изјави украинскиот претседател.

Русија ја нападна Украина на 24 февруари.

Регионалниот гувернер на Киев, Олексиј Кулеба, истакна дека најмалку 50.000 цивили биле евакуирани од борбените зони северно и северозападно од главниот град рано утринава, а властите продолжуваат со спасувачките напори.

Советникот на украинскиот претседател Олексеј Арестович денеска рече дека избиле неколку борби меѓу руските и украинските сили на аеродромот Чернобаевка, во близина на Керсон во јужниот дел на Украина.