Македонија
6. September 2018 - 14:55

Зекири: Толпата викаше „ќе ве убиеме сите“, Ѓорчев и Тодоров ги бранеа колегите од СДСМ и ДУИ

 Пратеникот на СДСМ Мухамед Зекири, кој денеска сведочи за настаните од 27 април, рече дека бил во една од кабините за превод во галеријата на собранискиот прес-центар од каде слушнал како толпата извикува пцости и прашува каде е Муки Зекири шиптарот.

Сведочеше дека толпата викала „ќе ве убиеме сите“ и оти видел како пратениците Никола Тодоров и Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ дошле во прес-салата со намера да ги бранат колегите од СДСМ и ДУИ, но оти Тодоров бил истуркан од толпата, а Ѓорчев останал да ги брани. 

По околу два часа ја чул првата шок бомба, а потоа уште две по што од страна на полицијата првично биле извлечени во галеријата на сала 4, а потоа во една од пратеничките канцеларии. Од таму преку собраниската гаража со полициски транспортер биле евакуирани во касарната во Ѓорче Петров од каде по евидентирањето биле пуштени дома.

Зеќири сведочеше и дека кога биле евакуирани во пратеничката канцеларија, Ѓорчев им рекол дека чул оти од другата страна на Вардар се собира толпа која сака да  дојде во Собранието и оти побарал да проверат дали е точно. Тие се јавиле кај свои пријатели и им рекле дека полицијата ја презела контролата во Собрание и оти се безбедни.

Се очекува денеска да биде сослушан и Петре Шилегов. 

На рочиштето се присутни сите обвинети за настантите од 27 април. 

Судењето ќе продолжи и утре со сослушување на пет сведоци, меѓу кои и премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

На минатото рочиште сведочеа Дамјан Манчевски, Фросина Ременски, Павле Богоевски и Илија Николовски.