Бизнис
8. August 2019 - 16:40

Здруженијата на одгледувачи бараат забрана за чување свињи без биосигурносни мерки

Законско решение за воведување забрана за чување свињи на фарми кои немаат соодветни биосигурносни мерки за да се спречи појава на африканска чума бара здружението на одгледувачи на свињи „Гицко“.

Освен забрана, на вчерашнито состанок со Агенцијата за храна и ветеринарство, здружението побарало и нов модел за откуп на свињи.

-Претставниците на Здружението упатија и барање за изнаоѓање на модел со кој ќе им се овозможи да извршат организиран откуп на свињи кои се одгледуваат во селските домаќинства по пазарна цена, без оглед на категоријата и килажата на животните, за што изразија и подготвеност. Месото од откупените свињи, како што истакнаа на состанокот, ќе го понудат за преработка на домашната месна индустрија, се вели во дописот од АХВ.

Од Агенцијата велат дека барањето на „Гицко“ ќе биде сериозно разгледано за воведување забрана. Оттаму посочуваат дека сега не е време за одгледување на свињи во домаќинствата.

Според големите одгледувачи, токму селските домаќинства, но и неевидентираните одгледувачи се најголема опасност, покрај дивите свињи, за ширење на африканска свинска чума.

Државата е подготвена и има изработено план за дејствување доколку болеста се појави во Македонија. Но, засега не е направена проценка на штети.

Според пописот на АХВ, во земјава има над 2300 одгледувалишта со вкупно 125 илјади свињи. Околу 95 илјади гоеници се одгледуваат во 27  комерцијални фарми кои имаат над 500 свињи, а остатокот одгледуваат помалку од 100 грла.