Македонија
18. November 2016 - 14:12

Здружението на ветерани и резервисти одбележа 15 години постоење

 Ветераните и резервистите од одбраната и безбедноста на Република Македонија, како мултиетничка, патриотска и родољубива невладина организација останува во нераскинлива врска со припадниците на армиата и полицијата, како еден од столбовите врз кои се потпира македонскиот интегритет.

Ова денеска го истакна генералот во пензија Филип Котели на одбележувањето на 15 години од формирањето на Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Македонија.

- Секогаш сме подготвени да се ставиме во служба на татковината и во рамките на нашите можности да помогнеме во разрешувањето на напластените проблеми во Македонија како демократска, интегративна и функционална европска држава, рече Котели.

Според него, овој јубилеј се одбележува во услови кога во Македонија постои политичка криза, неадеквативно функционирање на правната држава и нејзините институции, корумпиранист, осиромашување на населението и слично. Котели нагласи дека и покрај таквата криза во државата Здружението посветува вниманите и грижа за своите членови.

- Секојдневно наши членови бараат правна помош од правната служба на Здружението, а паралелно со тоа се поднесени и неколку иницијативи до Уставниот суд за укинување на некои законски решенија со кои се повредени правата на пензионерите и припадниците на АРМ и полицијата, истакна Котели и нагласи дека не се задоволни од односот на државата кон статусните прашања на членството.

Здруежението, рече Котели, и во иднина ќе се бори да обезбеди повисоки стандарди, за подобрување на статусните права на своите членови, како и на останатите пензионери вклучувајќи ги тука учесниците во конфликтот во 2001 година. 

На свеченоста присуствуваа министрите за внатрешни работи и труд и социјална политика Оливер Спасовски и Фросина Ташевска-Ременски, претставници на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на Република Македонија, претседатели на слични здруженијата од соседните земји, претставници од локалната самоуправа и организациите со кои Здружението соработува.