Македонија
11. October 2015 - 18:19

Здружението на Македонците од Данска бара да остане гласањето на дијаспората

Македонските иселеници од Данска ги сметаат за нелогични полемиките и барања за тоа дали македонската дијаспора треба или не треба да гласа на следните парламентарни избори во Република Македонија. Тие оценуваат дека ќе се направи голема грешка со непроценливи последици доколку македонската дијаспора го изгуби правото на глас.

- Во време кога сите нации во светот, а особено оние од нашето опкружување се борат на секој начин да ја соединат својата дијаспора со својата матична држава, некои од македонските политички партии и политичари од петни жили се трудат да ја оттуѓат македонската дијаспора од Република Македонија. Апсолутно нема никакво логично објаснување за тоа зошто дијаспората како нераскинлив дел од Македонија не смее да си го оствари своето право за глас кое е загарантирано со Уставот на Македонија, вели Кирил Котевски од Здружение на Македонци во Данска.

Според ова Здружение, наместо да се размислува за зголемување на бројот на пратениците од дијаспората кои ќе учествуваат во Македонскиот Парламент, некои македонски политичари сакаат да го укинат основното право, граѓанинот да бира и да биде биран. Фактот што припадниците на дијаспората од разни и лични причини одлучиле да живеат на друго место освен во Република Македонија, се наведува, не значи дека поврзаноста на дијаспората со матичната земја е помала од останатите. 

- Нека не се заборава придонесот, кој дијаспората го дава било на економско поле, било на културно поле или во вид на граѓанска дипломатија во државите каде што Македонцитеживеат. Македонската дијаспора може со многу да помогне во унапредување на Македонија на секое поле и затоа никој не смее ни да помисли да ни го скрати основното право за глас во нашата татковина, се вели во реакцијата.

Воедно, со дописот, бараат од претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов да не го потпишува указот за суспендирање на правото на претставник на македонската дијаспора во матичната држава, бидејќи, посочуваат, со тоа би се направила непроценлива штета во врската помеѓу Република Македонија и дијаспората.

- Почитуван Претседател на Република Македонија, македонската дијаспора има целосна доверба во Вас и во институцијата Претседател на Република Македонија и убедени сме дека нема да дозволите да се спроведе оваа срамна иницијатива за обезгласување на македонската дијаспора. Македонија е цела само ако биде и дијаспората дел од неа, се вели во дописот од Здружението на Македонците во Данска.