Македонија
25. March 2016 - 9:22

Здружението „Кајмакчалан“ со иницијатива за брендирање на мариовскиот мед

Еколошкото здружение „Кајмакчалан“ со седиште во мариовското село Маково, почна иницијатива за брендирање на мариовскиот мед.

Стратегијата за оваа активност е промовирана пред локалната самоуправа во Новаци, експерти од странство, како и претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

-Мариово е чиста, еколошки незагадена средина каде навистина пчеларите имаат можност да произведуваат еколошки чист мед. Токму затоа потребно е брендирање и заштитување на мариовскиот мед, посочи Лазар Котевски, градоначалник на општина Новаци и поддржувач на иницијативата на здружението „Кајмакчалан“.

На средбата со градоначалникот Котевски, членовите на здружението „Кајмакчалан“ истакнаа дека иницијативата за  брендирање на мариовскиот мед е со цел да се потврди тоа што со години е познато за мариовскиот мед како препознатлив и со вистинско, сигурно, чисто и еколошкото потекло.

-Досега имавме случаеви на продавачи на мед кои го користат името мариовски мед а истиот е произведен во друг регион. Токму затоа, за да го заштитите сакаме да го брендираме бидејќи сите ги знаеме здравствените придобивки кои се добиваат од медот и медните производи, рече Менде Трајковски, пчелар и претставник на здружението на граѓани „Кајмакчалан“-Новаци.