Македонија
6. September 2017 - 19:25

Здружение против осиромашување: Зголемените даноци ќе ја зголемат невработеноста, а ќе ги намалат платите

Граѓанското здружение против осиромашување уште еднаш одржа протест со блокада на сообраќајницата пред Владата, со апел истата да се откаже од намерата за покачување на даноците бидејќи оваа одлука може да предизвика сериозни последици, како за економијата, така и за вработеноста и стандадот на граѓаните, велат од здружението.

Тие велат дека граѓаните, исто како и експертите, со право стравуваат дека покачувањето на даноците може да предизвика може да предизвика негативни последици кои ќе доведат до осиромашување на народот, а со тоа и до зголемено незадоволство.

-Зголемените даноци значат сериозно загрозување на пред се помали фирми и претпријатија во Република Македонија кои ќе се доведат до работ на егзистенција. Ваквата ситуација може да предизвика евентуално даночна евазија, што ќе се одрази на ликвидноста на буџетот, од кој зависи изградбата и реконструкцијата на училишта, болници, градинки, патишта, водоводи и канализации, изјави Марина Атанаскоска од здружението.

Тие предупредуваат дека од друга страна, сопствениците на фирмите со цел да го задржат профитот може да се одлучат за намалување на платите или отпуштање на работници, што ќе предизвика намалување на стандардот на семејствата во Македонија и нивно доведување до работ на егзистенцијата.

-Најавите за на Владата за ваков чекор доаѓаат без реална основа, анализа и проценка, а најмалку од се има издржана дебата, во која сите субјекти, експертите, работодавачите и синдикатите, но пре се граѓаните ќе може да го кажат своето мислење за вака сериозна тема. Штетите од неоправданото и неиздржаното зголемување на даноците повеќекратни и затоа ние стравуваме дека најлошо ќе се одразат на грбот на обичниот човек кој вредно работи а да обезбеди иднина за себе и за своите деца, изјави Атанаскоска.

Од здружението кажаа дека се плашат дека сиромаштијата и невработеноста ќе станат секојдневие доколку зголемувањето на даноците се реализира.