Бизнис
22. January 2019 - 19:30

Здружение на пензионери: Пензиите минимално ќе растат со измените во законот

Минимално покачување ќе добијат пензионерите со новото законско решение, велат од Здружението на пензионери. Со измените, пензиите повеќе нема да растат согласно просекот на платите во земјава во висина од 50%, туку само според растот на трошоците на живот. Пензионерите сметаат дека тоа ќе го зголеми јазот меѓу најниските и највисоките пензии. Повеќе од половина од пензионерите во земјава имаат потпросечни примања, помалку од 14.421 денар.

“Тоа е добро во услови на инфлација, но кога нема инфлација не се зголемуваат трошоците на живот, а со тоа и пензиите. Тоа најмногу ги погодува пензионерите со најниски примања. Најважно е сега да не се погодени тие пензионери, бидејќи ќе излезе дека имаат пониски примања од социјалната помош што се исплаќа во земјава”, вели Драги Аргировски, претседател на Здружение на пензионери на Македонија.

Од Министерството за труд потврдуваат дека порамнување на пензиите се врши два пати годишно според растот на трошоците на живот.

 “Воведена е законска одредба за усогласување на пензиите од 1 април, доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од четири отсто.
Со новата законска регулатива се стабилизира пензискиот систем, без притоа да се зголеми старосната граница за пензионирање и без замрзнување на пензиите. Главната цел на овие реформи е спречување на ширењето  на дефицитот во Фондот на ПИОМ и негово намалување”, се вели во соопштението од Министерството за труд и социјална политика. 

Од опозицијата вчера обвинија дека поради новото законско решение пензионерите ќе добиваат помали покачување отколку претходно.