Македонија
11. August 2022 - 19:57

Здравствените власти трет ден не можат да го тестираат сомнителниот случај за мајмунски сипаници

Со решение за здравствен надзор од министерот за здравство ќе се тестира за мајмунски сипаници Кичевчанецот откако 3 дена надлежните служби не можат да стапат во контакт со него. Доколку до утре не се појави во Скопје да му биде земен примерок за анализа ќе го бараат инспектори од ДСЗИ и полиција за да може да има разрешница овој случај бидејќи вчера надлежен епидемиолог не го нашол дома, а разговарал само со членови на неговото поблиско семејство. Од КЗБ велат дека за оваа болест изолацијата не е задолжителна, а доколку во иднина некој има симптоми и одбива ќе биде тестиран на ист начин со решение.

- Со овој предлог и со помош на Државниот санитарен здравствен инспекторат и МВР ќе биде лоцирано лицето и ќе биде тестирано, изјави д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на КЗБ.

Членовите на семејството на 43 годишниот кичевчанец кој пред 2 недели се вратил од Австрија немаат обврска да бидат во изолација. Ќе бидат тестирани доколку во наредните 3 недели пројават симптоми.

-  Нема простор за паника, бидејќи не се очекува никаков драматичен развој или сериозно ширење на мајмунските сипаници, изјави проф.д-р Александар Петличковски, претседател на КЗБ.

Од КЗБ велат дека  во моментот во државата има 3.300 тестови за мајмунски сипаници и биле доволни за сега. Вакви анализи се прават само во ИЈЗ.