Македонија
12. April 2020 - 17:13

Здравствените власти не се сигурни дека Ковид-19 не бил присутен уште во јануари

Случајот со починатата велешанка кај која посмртно беше дијагностициран Ковид-19, ќе расчисти многу дилеми. Судска медицина се уште испитува кога настапила смртта и дали вирусот опстојувал подолг период во телото, а анализите можат значајно да ја променат сликата за заразата не само во нашата земја туку и во светски рамки.

-Тие податоци ќе ни бидат многу битни во однос на тоа што следи, а тоа е како ќе ја анализираме состојбата со антитела, изјави Венко Филипче, Министер за здравство.

Дали во земјата Ковид-19 сме имале многу порано пред официјалниот прв случај, ќе дознаеме дури кога ќе стивне бројот на заболени со корона вирусот, а епидемиолозите ќе направат повторни тестирања на примероците кои ги чуваат во Институтот. Оваа сезона има дури 18000 повеќе грипосани од лани, а матични лекари уште пред три месеци алармираа дека пациенти се отпорни на антибиотици и по 1 месец ги држи болеста, а училиштатата беа преполовени со ученици. Но тогаш, само на три дена пред појавата на корона во Македонија, претседателот на Комисијата за заразни болести изјави дека не секое течење на нос е грип и нема потреба од прекин на наставата.

-Стојам позади тоа, кога ќе стивнме ќе правиме истражување, Оди во прилог на тоа што го велите, но сега сме фокусирани на Ковид-19. Знам и дека во Западна Европа се сомневаат за присуство на корона многу порано, вели др. Жарко Караџовски, претседател на Комисија за заразни заболувања.

Епидемиолозите се категорични дека нема потреба кај потврдените случаи со грип да прават и тестирања за присуство на грип.

-Кога ќе се дознае дека е Ковид-19, нема потреба да се прави и за грип, вели др. Владимир Микиќ, епидемиолог во ИЈЗ.

Првиот случај на корона вирусот во земјата е регистриран на 26-ти февруари кај 50-годишна скопјанка. Истиот месец, според податоците од ИЈЗ биле регистрирани повеќе од 19 000 заболени од грип.