Loading Video...
Македонија
21. јуни 2021 - 17:04

Здравствените власти не гледаат потреба за рестрикции поради индискиот сој

Индиската мутација не ги загрижува здравствените власти и засега не планираат дополнителни мерки за заштита. Двајцата македонски граѓани кои се вратија од Ирак позитивни на Делта сојот не биле ризични за ширење на вирусот потврди министерот за здравство. Филипче вели дека во моментот епидемиолошката состојба е прилично стабилна со мал број на новодијагностицирани и хоспитализирани.

-Но, морам да потенцирам, будно ја пратиме состојбата не само кај нас, туку и во околните земји поради тоа што многу често за временска разлика од една до две недели се случуваа промени во сите земји во регионот. Продолжуваме со овие мерки и продолжуваме да ја пратиме ситуацијата, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Бројките покажуваат дека во моментот има помалку од 300 активни случаи на Kовид-19 а од викендот и ноќните клубови после подолга пауза почнаа со забави. За министерот Филипче нема проблем младите да одат на журки ако локалите ги почитуваат протоколите.

-И порано младите се собираа...Нема проблем за забави ако ги почитуваат мерките со не повеќе од 50 проценти од капацитетот .Ако детектираме дека има ризик, ќе воведеме мерки, вели Филипче.

Двајцата македонски граѓани вратени од Ирак кај кои е потврден индискиот сој биле на лекување во приватна болница. Едниот од аеродром директно завршил на болничко лекување а вториот симптомите ги добил дома по што побарал помош.

Инаку во Европа освен Велика Британија и Португалија сите дурги земји ги олабавуваат рестриктивните мерки.