Македонија
1. August 2020 - 19:37

Здравствените протоколи во училиштата ќе се базираат само на носење маска, миење раце и физичка дистанца

Дали и колку првачињата ќе можат да носат заштитна маска за време на училишната настава? Колку наставниците ќе успеат да внимаваат да не доаѓа до блиска игра меѓу децата и да одржуваат физичко растојание? Што ако на ученикот маската му падне на под или пак не направи дезинфекција пред оброкот? Многу дилеми и неодговорени прашања за родителите на само еден месец пред стартот на учебната година. Од образование уште не го изготвиле соодветниот модел, а од Комисијата за заразни болести им доставиле протокол за заштита на здравјето – маската, хигиената и дистанцата неопходни и за училиштата.

-Препорачуваме да има посебни протоколи за хигиена во тоалетите и во местата каде учениците ќе јадат. Да има одреден човек кој ќе биде задолжен за суспектните случаи и да ја следи таа состојба, тоа треба да го одреди училишптето. Маските ќе бидат задолжителни, но ќе видиме как оќе биде тоа за најмладите, односно првачињата, за кои ќе треба време да се навикнат на тоа, вели др. Ангелчо Андоновски член на Комисијата за заразни болести.

Доктор Андоновски вели дека настава треба да има бидејќи вирусот нема да исчезне наесен а децата мора да учествуваат во образовниот процес. Во септември дозволуваат почеток за сите ученици, но доколку дојде до пик на заразата тогаш ќе има поделба во групи во училиштата. Лекарите смируваат дека нема цело одделение да оди во карантин ако има заболен ученик, но само доколку се почитувале мерките.

-Секако, ако има еден заболен тој ќе биде изолиран согласно протоколите, останатите ако се придржувале на мерките не, вели Андоновски.

Освен мерките за заштита, на социјалните мрежи родители прашуваат и како ќе им се надокнади наставата на децата доколку неколкупати во текот на учебната година мора да одат во карантин, односно, како ќе продолжат со школување оние кои ќе се разболат. Како и да е, засега никој официјално не знае што ги очекува учениците од септември.