Македонија
27. February 2018 - 15:40

Здравствените комори заедно ќе работат за подобра здравствена заштита

- Лекарската, Стоматолошката и Фармацевската комора денеска потпишаа меморандум за соработка со кој се обврзаа да соработуваат и заеднички да настапуваат и влијаат во заштита и унапредување на стручноста и етичките должности и правата на доктори по медицина, докторите по стоматологија и дипломираните фармацевти за подобрување на квалитетот на здравствената заштита.

Покрај тоа, меморандумот предвидува и заедничко следење на трите комори на однос на здравствените работници кон општеството и граѓаните, да ги штитат правата и професионалните интереси на докторите по медицина, докторите по стоматологија и дипломираните фармацевти кои се нивни членови и да се грижат за достоинството, угледот, интегритетот и унапредувањето на севкупната лекарска и фармацевската струка и професија и нејзиното правилно и чесно вршење. 

Со меморандумот тие ќе ги насочат своите напори кон поттикнување и афирмација на областите од заеднички интерес, во унапредување на соработката со други институции и заеднички настапи пред надлежни органи и институции, зајакнување на меѓународните контакти и соработка со сродни професионални асоцијации, како и активности за подигањето на квалитетот на едукацијата и подигање на јавната свест за прашања од заеднички интерес.

Како активни чинители на здравствениот систем коморите заеднички ќе делуваат во креирање на здравствените политики, подготовките на законските проекти и настапи пред Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување на Македонија и други органи, институции и асоцијации во државата и надвор од неа.

Меморандумот го потпишаа претседателите на Лекарската комора, доц. д-р Калина Гривчева - Старделова, претседателот на Стоматолошката комора, проф. д-р Владимир Поповски и претседателката на Фармацевтската комора Проф.д-р Бистра Ангеловска.